Историја и традиција на училиштето

СЕОУ”Гостивар” Гостивар е едно од најстарите училишта во Гостивар. Лоцирано е во населбата Дутлок.

Во непосредна близина на училиштето е големиот парк кој нуди можност за одмор и дружење на учениците пред и по часовите, реката Вардар, градскиот фудбалски стадион, Општинскиот суд, Медицинскиот центар. Во близина е и зградата на општината.

Училиштето постои од 1955-та година, формирано со одлука на Околискиот народен одбор. Таа година е оформена една паралелка од прва година, којашто почнала да работи во рамките на Полната гимназија. Од 1956-та година, училиштето е верифицирано под името Економски техникум, како посебна организација, а од 1957-ма година техникумот се одделува во посебно училиште. Во тој контекст, од 1982/83 година, според мрежата за насочено образование, училиштето се трансформира во УСО, а профилувало кадри од економска, правна и биротехничка струка.

Ова училиште многу значи и значело за Гостивар. Во него се образувале луѓе коишто подоцна биле потенцијал за градот и Р.Македонија. Може да се каже дека големиот економски, кадровски, политички, научен и друг потенцијал завршил во ова училиште или работел во него. Успешноста на постоењето и работата е одбележена со многу освоени награди и признанија.

По повод одбележувањето на полувековното постоење, во 2005-та година училиштето изготви Монографија, со цел на историјата  да и се даде  место во развојот, а развојот да има динамика и перспектива.

Факт е дека училиштето е едно од најатрактивните во градот што е резултатот на стручната екипираност на наставниот кадар и неговиот висок професионален однос кон работата.